Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска преку соопштение укажа на потребата од целосна фокусираност во сообраќајот и елимирање на стресот кој влијае врз способноста и однесувањето на возачите.
- Имајќи ги предвид последиците од сообраќајните незгоди, секој учесник во сообраќајот мора да биде максимално фокусиран и одговорен, без разлика на професијата, без разлика на приватните обврски, без разлика на тоа кој е, што работи, со какви лични и професионални проблеми се соочува. Зад воланот, додека управува со возилото, единствена задача на возачот е да се фокусира на возењето, стои во соопштението.
Стресот може да се дефинира како неспецифична реакција на организмот под висок притисок, напрегање и напор во одредени психо-социјални околности, во потесна или поширока социјална средина. Факторите што предизвикуваат стрес може да бидат од биолошка, психолошка и од социјална природа и согласно на тоа стресот влијае на телесната, психичка и социјална функција на организмот.
Според РСБСП, врската меѓу стресот и однесувањето на учесниците во сообраќајот е нераскинлива, а се манифестира на неколку начини, преку опасно и ризично возење: агресивно, расеано и емотивно возење.
- Стресот со кој секојдневно се соочуваат учесниците во сообраќајот влијае на културата, на етиката и на меѓусебната толеранција и почитување меѓу учесниците во сообраќајот. Стресот влијае на пристапот кон одредени случувања во сообраќајот, влијае на индивидуалните одлуки што ги носат учесниците во сообраќајот и влијае на дејствијата што ги прават или не ги прават учесниците во сообраќајот, се вели во соопштението од РСБСП.
Најефикасен начин за справување со стресни ситуации, според РСБСП, е адаптирање кон условите и настанатите ситуации, поголема самодоверба и самоконтрола, концентрација, позитивна мисла и релаксација.