Изложбата „Ликовен круг Похижек“ од 23 современи ликовни уметници на исто толку дела од Хрватска синоќа беше отворена во Ликовниот салон во Велес.
Организатор на изложбата е Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје и Заедницата на Хрватите на Република Македонија. Изложбата е резултат на преотстапените дела од Стјепан Похижек, а е во чест на големиот Коста Солев Рацин кој има допирни точки со Хрватска бидејќи во Самобор ја отпечатил својата стихозбирка „Бели мугри“.
Елица Николова, историчар на уметноста изјави дека на изложбата можат да се проследат дела од реномирани хрватски ликовни уметници, најголем дел академски сликари. Меѓу нив е делото „Двајца“ на Ѓуро Седер, академски сликар од постарата генерација, кој бил професор и декан на Ликовната академија во Загреб, каде имаат дипломирано и поголем дел од уметниците кои се претставуваат на оваа изложба.
Анита Василкова Мидоска, .в.д. директор на Народниот музеј од Велес информира дека 23-те современи хрватски автори во основниот уметнички концепт на изложбата не воведуваат во светот на апстракцијата, во сите негови групи и подгрупи.
- Меѓутоа сите тие пред нас го предаваат сопствениот ракопис кој го опфаќа сензибилитетот на авторот и иницијалниот порив на гледачот, односно набљудувачот. Можеби и во оваа артистичка кореспонденција се гледа основната визија и порака на целокупната идеја на овој проект, потенцира Василкова Мидоска.