Со претставата „Ужегнатост“ од Иван Вискочил во режија на Владимир Милчин, а во продукција на „Артопија“ од Скопје што на програмата е вечер од 19.30 часот на сценната од прилепскиот театар, се заокружува натпреварувачкиот дел на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Утре напладне жирито, во состав Јасна Новаков, Мими Таневска Србиновска и Драган Спасов-Дац ќе ги соопштат добитниците на наградите и најдобрата претстава во целина на годинашниов фестивал.
За наградите претендираат 12 претстави на македонските театри кои публиката имаше можност да ги види во изминатите седум дена. Во официјалната конкуренција се: „Ничија земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов, а во изведба на МНТ од Скопје, „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андраш Урбан во продукција на битолскиот театар, претставата „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски ја изведе прилепскиот театар, „Еднаш свет изградив“ според „Сидарта“ на Херман Хесе во режија на Јане Спасиќ а во продукција на Театарот за деца и младинци од Скопје, „Царот Владислав“ од Борис Јанков во режија на Бранко Ставрев на струмичкиот, „Крал Лир“ од Шекспир во режија на Диего Де Бреа на турски театар. Во конкуренцијата за наградите се и претставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Нела Витошевиќ што ја изведе штипскиот театар, театар „Комедија“ се натпреваруваше со „Дони Дарк“ од Леонард Герш во режија на Роберт Ристов, албанскиот театар со претставата „Жените“ од Роберт Томас во режија на Ќендрим Ријани, велешкиот театар со претставата „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана во режија на Деан Дамјановски, Драмски театар од Скопје ја прикажа „Лет над кукавичјото гнездо“ од Дејл Васерман и Кен Киси во режија на Ристо Алексовски и вечерашната претстава „Ужегнатост“ од Иван Вискочил во режија на Владимир Милчин во продукција на „Артопија“ од Скопје.
Наградите ќе бидат доделени утревечер кога е свеченото затворање на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ и кога ќе биде прикажана претставата „Не сега драга“ на Театар Комедија во чест на наградените.
Инаку, вечер од 22 часот на сцената од Домот на културата „Марко Цепенков“ публиката ќе има можност да ужива во театарскиот спектакл и гостувањето на Театарот на Бугарската армија од Софија, Бугарија. Ансамблот ќе ја изведе претставата „Железниот светилник“ од Димитар талев во режија на Асен Шопов. Со овој театарски спектакл, ансамблот гостува низ Македонија и досега беше прикажана во МНТ во Скопје каде наиде на одличен прием кај публиката.
На Фестивалот публиката досега гледаше и уште пет претстави во придружната програма, се одржаа две трибини, изложба и промоција на театарска литература.