На падините на планината Галичица в недела по петти пат ќе се одржи велосипедската тура „TOUR DE GALICICA“ во должина од 68 километари.

Настанот е во организација на велосипедското друштво „Преспа Бајк“ од Ресен со поддршка од општина Ресен и SWG (Меѓуминистерска работна група за рурален развој од земјите на Западен Балкан), а стартот е предвиден во 9 часот од плоштадот во Ресен.

Велосипедистите, како што информира за МИА Кристијан Ќулумовски од „Преспа Бајк“, ќе имаат можност да возат и седумкилометарска планинска тура и да ги запознаат убавините на Галичица.

- Досега се пријавени околу 200 учесници од земјава, а ќе возат и 10 наши пријатели до соседна Албанија, истакна Ќулумовски.

Турата, додаде тој, е во целост обележана со патокази, информативни табли и кадрони, а учесниците ќе имаат можност да уживаат во прекрасните пејсажи на Преспанското и Охридското Езеро од надморска висина од 1973 метри.

- Велосипедистите ќе ги следат локални водичи, а ангажирани се и спасувачи од Црвениот крст. За заинтересираните учесници поставен е камп на плажата пред хотелот „Лејк Вју“, каде ќе имаат можност да логоруваат во шатори, изјави Ќулумовски.

Учесниците треба задолжително да носат заштитна кацига и технички исправен планински велосипед, соодветни чевли и облека за планинарење.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2018 15:15