Ја запознавме сосема случајно, во ресторан во Брисел. Беше меѓу првите гости на т.н. Македонска вечер, организирана во рамки на „Тера Мадре Балкан“. Со семејството на својата пријателка дојде да ужива во традиционалните јадења што ги подготвуваше нашиот готвач Дејан Карапеев. Како што ни рече, воопшто не и било проблем да патува 50 километри во еден правец и уште толку назад зашто голема била желбата да се вкусат јадењата по рецептите на нашите баби и дедовци, модифицирани и аранжирани на модерен начин.

Професорката Розита Димова веќе 25 години не е во Македонија. Има завиден образовен бекграунд, а денес живее и работи во Гент. Предава на Универзитетот во овој преубав белгиски град. Ја држи Катедрата за култура, литература и историја на Балканот.

- Тука сум четврта година. Работам на факултетот во Гент, а предавам Балкански студии - студии на Југоисточна Европа. Имам работа со студенти кои првпат се сретнуваат со поимот Балкан, а се многу љубопитни. Балканот им е асоцијација за војни. Сметаат дека е регион каде што се случувале војни. Јас се обидувам да им го деконструирам тоа и да им покажам дека не е така. Има и такви елементи, но такви елементи има и кај нив. Нивната историја, белгиската, е исто многу насилна, со колонијализмот, Африка,... Правам паралела да деконструриам дека Балканот е насилен сам по себе, нагласи Димова.

По завршувањето на факултетот во Македонија, најпрво заминала на постидпломски студии во Будимпешта. Потоа, завршила уште една магистратура во Кембриџ, по што следувал докторат во Америка. Ни помалку, ни повеќе, на Универзитетот Стенфорд.

- Пред да одам на докторат, откако магистрирав на Кембриџ, имав понуда да останам како асистент на УКИМ, но тогаш добив петгодишна стипендија за докторат на Стенфорд и не можев да ја одбијам. Мојата професорка од Етнологија, Анета Светиева, со која извонредно соработував во текот на моите студии, беше посветена на тоа да изгради солиден институт по етнологија. Всушност, таа ми понуди да останам како асистент. За жал, јас во тоа време веќе прифатив да продолжам со постдипломски студии во странство. Сметав дека некои работи во животот доаѓаат еднаш и ако не се фати тој воз, ништо, раскажува Димова.

Професорката Светиева со соработниците навистина успеа да создаде модерен Институт по етнологија, но со ригорозни критериуми. - Сметам дека и сега имаат јака Катедра со професорите Љупчо Ристески, Мирјана Мирчевска, Илина Јакимовска, Даворин Трпески. Соработувам со нив, заедно сме објавиле и трудови, дополнува нашата соговорничка.

Во овој непланиран, но ретко пријатен разговор, професорката сподели дека имала проблем со нострифицирање на дипломите од Кембриџ и Стенфорд што во тоа време и било несфатливо. Денес, сепак, гледа поинаку и смета дека можеби недоволната административна подготвеност на македонските институции била клучната пречка.

- Проблем имав откако докторирав. Во 2005 година се вратив во Македонија и сакав да ги нострифицирам дипломите, од докторатот на Стенфорд и од магистратурата на Кембриџ. Но, ме одбија со образложение дека треба да доставам повеќе детали и превод за испитите и тезите кои сум ги завршила на странските универзитети. Не сакав да губам време низ бирократските лавиринти и решив да се откажам од нострификација. Сега слушнав дека процедурата е многу лесна. Добро, тоа беа други времиња. Од оваа дистанца, денес, сметам дека причината беше бирократска. Веројатно нашата администрација не знаеше да се справи, каде, како да нострифицира и наједноставниот одговор беше „не може“. Тоа не ме погоди зашто веќе имав постдокторски студии во Германија и знаев дека ќе се отворат други работи. Тука, во Белгија, исто така поминав преку нострификација, но тоа траеше две недели. Инаку, Стенфорд е втор по Шангајската листа, а Кембриџ трет, рече Димова, додавајќи дека извесно време предавала и на факултет во Берлин.

На прашањето, дали размислува некогаш повторно да се врати во Македонија и каде се чувствува како дома, без двоумење одговори: - Ме прашуваат често каде ми е најубаво. Но, мојот одговор е секогаш ист - најубаво ми е таму каде што сум сега, каде што го живеам сегашниот момент. Не сакам да живеам со спомени како беше во Калифорнија, како беше во Берлин. Гент е центарот на мојот свет сега и многу ми е убаво.

Додека муабетевме, веќе пристигна главното јадење: полнет модар патлиџан со гравче и јагнешка коленица во сос од праз и суви пиперки. Професорката замина на својата маса и седна покрај пријателката Семра Даца, исто така од Македонија, и нејзиното семејство, со кои беше дојдена.

На крајот од вечерта се поздравивме, разменивме контакти и договоривме некоја следна средба, можеби кај нив во Гент.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2018 02:12