Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо ќе стартува од пол-позиција во „24 часа Ле Ман“ оваа сабота, откако неговиот тимски колега во возилото со број 8, Казуки Накаџима запиша најбрза обиколка по трите квалификациски сесии - 3: 15.377 минути. Поранешниот Ф1 пилот на Вилијамс постигна најдобро време во последната трета сесија, што беше за две секунди подобро од тоа на другиот тим на Тојота со број 7 (Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Хозе Марија Лопез), кои ќе стартуваат втори. Јапонскиот конструктор е единствениот фабрички тим во највисоката класа на патеката - ЛМП1 и двата автомобила се фаворит за победа. Тојота нема победа во трката, но може да се претвори во вториот јапонски победник по Хонда. За Алонсо пак успех во 24-часовниот предизвик би значело чекор напред кон посакуваната од него „тројна круна“, вклучувајќи победа во ГП на Монако, „24 часа Ле Ман“ и „Инди 500“. Единствениот пилот, кој успеал да го стори тоа, е Греам Хил. И покрај високиот залог за Шпанецот, од Тојота беа категорични денеска дека не фаворизираат ниту еден од своите пилоти. Од третата позиција во сабота ќе тргне швајцарскиот приватен тим Ребелион со автомобил со број 1, следен од рускиот тим СМП Рејсинг со број 17, за кој најмногу работа заврши Стефан Саразен, и втората екипа на Ребелион со број 3. Другиот Ф1 шампион на стартната линија на „Ле Ман“ оваа година, Џенсон Батон ќе стартува седми заедно со своите тимски колеги во СМп Рејсинг - Витали Петров и Михаил Алешин.