Околу 13 часот го зафати Прилеп силно невреме проследено со пороен дожд и грмежи. Невремето траеше нешто повеќе од 40-тина минути и според надлежните наврнале околу 40 до 50 литри дожд.
Според градоначалникот Илија Јованоски, кој информираше за преземените мерки, на 15-тина места во градот и околината имало затнати канализации, пријавено е поплавување на пет куќи во градот и гром удрил во бандера. Предизвикана е мала материјална штета, но за среќа нема повредени.
- Во моментов екипи на двете јавни комунални претпријатија, „Комуналец“ и „Водовод и канализација“, заедно со две приватни компании, со комплетна механизација се на повеќе пунктови во градот и ги расчистуваат улиците од кал и наноси. Главно, се чисти во прилепската населба Тризла 2, каде има наноси по улиците, изјави Јованоски.
Од јавните комунални претпријатија ги повикаа граѓаните доколку имаат штети, да ги пријават, за да може екипите да интервенираат.