Министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатарина Захариева, во придружба на бугарскиот амбасадор и конзул во нашата држава, денеска донираше пет компјутери од бугарската влада на детската градинка „Сонце“ во струмичко Ново Село.

Захариева во Ново Село беше пречекана од градоначалникот на општина Ново Село Боро Стојчев и директорката на градинката Лилјана Зекирова, при што изврши обиколка на објектот и се запозна со условите за престој на децата и на персоналот.

- Подаривме пет супер модерни компјутери од најновата генерација на детската градинка „Сонце“ во Ново Село. Сметаме дека е многу важно децата уште од најрана возраст да бидат воспитувани и образовани за дигиталните вештини. Сметам дека нашата донација ќе биде полезна и за персоналот и за раководството на градинката и сум восхитена од тоа што го видов тука, рече Захариева.

Директорката на драдинката, Лилјана Зекирова, се заблагадари на донацијата и при тоа истакна дека таа ќе биде од многу голема корист за градинката, бидејќи современиот живот не може да се замсили без оваа техника.

Градинката „Сонце“ во Ново Село пред извесно време е целосно реконструирана и доби термоизолациона фасада преку средства од ИПА програмата за соработка меѓу Македонија и Бугарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2018 04:46