Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, попладнево оствари средба со делегација од Република Бугарија предводена од министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.
На средбата на која што присуствуваа и пратениците Катерина Кузмановска и Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и секретарот на општина Струмица, Александар Оџаков, се разговараше на актуелни теми од повеќе области, а посебен акцент во разговорите беше ставен на прекуграничната соработка меѓу општините од двете страни на границата, соопштија од општина Струмица.
Градоначалникот Јаневски потенцирал дека општина Струмица има одлично искуство во овој дел реализирајќи повеќе заеднички проекти, кои претставуваат добра основа за интензивирање на прекуграничната соработка.
Министерката Захариева истакнала дека пријателството меѓу двете земји е основа за градење на заедничка европска иднина. Таа при тоа нагласила дека Владата на Република Бугарија е отворена за соработка и поддршка на проекти од општина Струмица кои уште повеќе ќе ја продлабочат соработката и ќе го подобрат животот на граѓаните.