Возењето велосипед има здравствени придобивки, се заштитува животната средина и се учат децата на здрави навики, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Оттаму посочуваат дека со возењето велосипед се намалува стресот, се согоруваат 600 калории на час и се намалуваат CO2 емисиите во сообраќајот.
- Вашето срце има исклучително важна функција, а возењето велосипед го прави посилно. Возењето велосипед може да го продолжи животот ако возите редовно. Дури и ако возите неколку пати неделно, може да го намали вашиот крвен притисок и да ве направи да се чувствувате енергично и расположено, истакнуваат од РСБСП.
Возењето велосипед, според РСБСП, ќе ги натера децата да излезат надвор и помалку време да поминуваат пред телевизор и компјутер, како и да се фокусираат на училишните задачи.
- Едно неодамнешно испитување од Норвешка открива дека учениците кои имаат физичка активност во природа подобро се концентрираат на училиште. Возењето велосипед може да му даде предност на вашето дете на училиште. Иако ова испитување не може комплетно да ги предвиди резултатите, тие покажуваат дека возењето велосипед им помага и на децата и на возрасните да ги подобрат нивните ментални способности, велат од РСБСП.