Околу 40 уметници од 20 држави во светот од денеска до 23 јуни ќе учествуваат на вториот меѓународен ликовен симпозиум „Струга 2018“, што го организира Здружението за уметност и култура „СИЛИНДАРТ“ со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и општина Струга.

Покрај сликањето, предвидена е и тркалезна маса на која учесниците ќе дискутираат за состојбата на ликовната уметност, предностите и недостатоците на ликовните симпозиуми и колонии, а ќе бидат усвоени и конкретни заклучоци и препораки.

Куратор на симпозиумот е уметникот Бурхан Ахмети, а координатори Верим Зендели, Теута Хоџа Имери и Кристина Затуровска. Меѓу другите ќе учествува и познатиот мозаичар Саимир Страти, носител на десет Гинисови рекорди за мозаици, а, како што најави организаторот, ќе учествува и еден вајар, кој од камен прави уметнички дела.

Уметниците со своето ликовно творештво ќе имаат можност да се инспирираат од убавините на Струга и да ги преточат на платно создавајќи уметнички дела, а ќе дадат свој придонес и за развојот на туризмот. Освен од Македонија, своето творештво ќе го претстават и ликовни умтници од Америка, Италија, Јапонија, Малта, Франција, Словачка, Романија, Украина, Белгија, Австралија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бразил, Србија, Велика Британија, Турција, Косово и Албанија.

Вториот меѓународен ликовен симпозиум „Струга 2018“ е можност за стружани и гостите да ги следат уметниците во креирањето на делата, кои ќе бидат прикажани на изложба на 22 јуни во просториите на хотел „Солферино“.

Здружението за култура и уметност „СИЛИНДАРТ“ има организирано повеќе значајни меѓународни настани во Гостивар, Тетово, Струга и Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2018 10:31