Претставата „Jedvanosimsoboakalomistobo“ на Саревскиот воен театар „Сарт“ од Босна и Херцеговина вечер ќе го отвори петтиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој ќе се одржува до 24 јуни.

- Ќе имаме задоволство да гледаме седум претстави, од кои четири од Македонија и три од странство, односно од БиХ и Србија. Ова е уникатна можност за сите љубители на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин.

Претставите ќе се играат во Спортскиот центар Ново Лисиче, но во случај на невреме алтернативна сцена ќе биде објектот на Театар Комедија. Влезот за сите претстави ќе биде бесплатен, а фестивалот ќе има натпреварувачки карактер, со тричлена жири комисија.

Селекторот на фестивалот, актерот и режисер Роберт Ристов најави дека во рамки на фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка и за најдобра претстава во целост. Од оваа година фестивалот внесе уште една категорија на награда – награда за уметнички впечаток.

Фестивалот „Гола Месечина“ игра важна улога во развојот на културниот живот во општина Аеродром. Токму затоа општината и оваа година издвои еден милион денари од сопствениот буџет, а овозможува и логистичка поддршка за успешна реализација на настанот. Организатор на настанот е повторно Театар Комедија.

Поради временските услови вечерашната претстава ќе се одигра во Театар Комедија. Граѓаните ќе можат да подигнат бесплатни билети од билетарницата на театарот, која ќе биде отворена од 12 часот.

Претставите ќе се играат секој ден со почеток во 21 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2018 15:52