Атрактивен акапела „Шекспир концерт“ и 11 театарски претстави ќе изведат над 500 учесници од Полска, Романија, Казахстан, Италија, Хрватска и од Македонија на годинешниот „Битола Шекспир фестивал“.
Од НУ Народен театар-Битола, организатор на 6. издание на Шекспир фестивалот, информираат дека годинешната понуда е посебно квалитетна и се подготвени за свеченото отворање закажано за 23 јуни кое ќе го направат домаќините со претставата „Јулие Цезар“ во режија на Златко Паковиќ.
- За гостувањето на уметниците од Полска кои во Битола ќе приредат акапела „Шекспир концерт“ вршиме посебни подготовки. Очекуваме атрактивен концерт на хорот од Краков кој ќе биде придружуван од една од најголемите ѕвезди во Полска и Европа, уметникот Станислав Сојка кој за време на концертот ќе приреди рецитал со сонетите на Шекспир. Во Битола ќе гостува и познатиот Театар на вечни вредности (Тхеатер оф Етернал Валуес), интернационален ансамбл позициониран во Италија во кој настапуваат актери од цела Европа и кои на фестивалот ќе ја изведат претставата „Шекспировите жени“ во режија на Ерик Лорен, посочи директорот на битолскиот театар, Иван Јерчиќ.
За време на фестивалските денови ќе бидат одиграни и претставите „Ричард Трети“ во изведба на театарот Гавела од Загреб, унгарскиот театар од Темишвар ќе настапи со „Шекспир сонет 66“, додека пак романскиот театар од Букурешт ќе ја изведе претставата „Хамлет“. Актерите од театарот „Верди“ од Задар ќе настапат со „Отело – незаконита литургија“, а академскиот руски драмски театар од Казахстан ќе ја изведе претставата „Ромео и Јулија“.
- На свеченото затворање, на 30 јуни ќе настапи Црногорскиот народен театар од Подгорица чиј броен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“ во режија на Дино Мустафич. Посебно сум задоволен од учеството на театрите од нашата држава бидејќи освен битолскиот, со свои претстави ќе настапат Театар за деца и младинци од Скопје со претставата „Сонот на Вилијам“, албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Макбет“, додека пак турскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Крал Лир“, истакна Јерчиќ.
„Битола Шекспир фестивал“ се одржува со поддршка на општина Битола и под покровителство на Министерство за култура.