По 23 години на сцената на Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица повторно се поставува претставата „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Драгана Таневска.
Во пресрет на премиерата утревечер во 20 часот, режисерката и актерите денеска на прес-конференција соопштија за постановката која е прва во Струмичкиот театар во 2018 година.
За режисерката Таневска „Стаклена менажерија“ е претстава која зборува за внатрешниот конфликт во човекот.
- Во процесот заедно со драмтургот работевме врз текстот за да добиеме едно реалистично сценско читање. Во процесот, исто така, работевме со психодраматичар и семеен терапевт околу ситуациите и ликовите и трагавме по вистината во врска со човековата тага и слабост, рече Таневска.
Пензионираната актерка Тинка Ристевска по пауза од 23 години повтосно ќе игра во претставата „Стаклена менаџерија“. Во првата изведба ја играла улогата на ќерката, Лаура Вингфилд, а сега ја игра улогата на мајката, Аманда.
- Секоја нова улога е нов предизвик. Многу ми е мило што вторпат сум во овој проект со одличен текст кој секогаш е актуелен, рече актерката Тинка Ристевска.
Покрај неа, во претставата настапуваат: Анкица Бенинова, Коста Ангов и Ванчо Василев. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите ги изработи Ванчо Василев, а драматург е Ацо Гогов.