На 181 точка низ Македонија треба да се постават системи за заштита од град. Приоритетни се Ресен, Преспа, Тиквеш и Струмичко како најранливи региони. Процесот за нивна набавка е почнат, а се очекува да биде заокружен идната година.
Како што изјави за МИА министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, станува збор за сосема нова, современа и целосно автоматизирана опрема која ќе ги покрие овие критични точки. Исплатата најверојатно ќе се реализира на пет или шест години, преку Програмата за рурален развој.
- Очекувам во 2019 година процесот за набавка да биде заокружен. Прилично е комплексен и трае. Моментно работиме на правните процедури, на утврдувањето на техничката спецификација за набавката што треба да се направи. Ако секоја година плаќаме по пет милиони евра штети, зошто не би платиле дел од тој износ годишно за купување ваков систем, рече министерот.
Софистицираните градобијни системи, какви што имаат Грузија и Бугарија, обезбедуваат над 95 проценти заштита на земјоделските посеви.
- Синоќа бевме на средба со земјоделците во Ресен. Три часа се разговараше за сите отворени прашања меѓу кои и градобијната опрема. Но, не се работи за враќање на овој систем, како што тие велат, туку за воведување сосема нов, автоматизиран систем на кој работиме, објасни министерот.
Асоцијација на земјоделци вчера апелира државата да го врати системот на градобијна заштита. Ваквото барање се актуализира по минатонеделното невреме кое во источна Македонија, според првичните проценки, предизвика штети од околу пет милиони евра, зафаќајки 5.000 хектари површина, од Велешко брдо до Црнилиште, Светиниколско.
Од невремето во средата најмногу настрадаа житните култури, лозјата, овошните насади и градинарството, но предизвикани се и материјални штети.
На прашањето дали земјоделците ќе добијат отштета, Николовски информира дека општините формираа комисии кои ќе ги спроведат проценките, а исплатата ќе оди преку владината Комисија во рамки на Министерството за финансии.
- Штетите од 2017 година ги исплаќаме. Средствата за Ресен и Преспа се префлрени, утре проодлжуваме со останатите општини, потенцира министерот, оценувајќи дека е добро тоа што земјоделците повеќе зборат за градобијната заштита, отколку за штетите.
За обесштетување од временските непогоди лани, беа поднесени 17.500 барања од над 30 општини.