Балканската музејска мрежа и Фондацијата „Културно наследство без граници“ од Босна и Херцеговина денеска и утре во Скопје ја организира втората меѓународна конференција „Балкански музеи без бариери“ на која учествуваат 40-ина музејски професионалци од 20 градови на Балканот. Тие се обучуваат како да им го олеснат пристапот на лицата со попречености во музеите и галериите.

Првата конференција беше одржана пред три години во Сараево, каде што е и седиштето на Фондацијата, која на музеите од Балканот им доделува грантови за проекти со кои ќе ја остварат целта - вклученост на лицата со различни видови попречености во запознавањето на културното наследство.

Фондацијата „Културно наследство без граници“ го иницираше формирањето на Балканската музејска мрежа во 2006 година и од првичните 11 членови, сега има повеќе од сто индивидуални и институционални членови - музеи, галерии и други музејски установи од речиси сите земји на Балканот.

Извршната директорка на Фондацијата, архитектката Адиса Џино-Шута, за МИА изјави дека од 2007-ма секоја година на музеите кои аплицираат им доделуваат мали грантови за развој на проекти за инклузивност и пристапност за лица со разни видови инвалидност. Досега финансирале над 60 проекти со грантови чија вредност е најмногу 5.000 евра.

- Во изминатата деценија, секоја година финансиравме од четири до шест проекти. Оваа година пет проекти. Овде финансиравме проект на Завод и музеј од Битола кој заедно со Музејот во Зеница развија заеднички проект на Македонија и Босна и Херцеговина. Овие музеи се и најактивни и најзаинтересирани. Сметам дека во изминатите 11 години направивме голем исчекор затоа што музеите, за жал, немаат големи можности од државните буџети кои се доволни, главно, само за нивното основно функционирање. Така што, со поддршката од нашата Фондација, како и со разни европски грантови и други фондации, мислам дека музеите напредуваат во инклузивноста, рече Адиса Џино-Шута.

Ирена Ружин, програмски раководител на Завод и музеј Битола и член на Управниот одбор на Балканската музејска мрежа, изјави дека во изминатите три години посетувале курсеви и консултантски работилници од британски експерти за инклузивност и пристапност во музеите. Го решиле, рече, проблемот со пристапот за лица со телесен инвалидитет затоа што до влезот на нивната институција, која е и споменик на културата, се доаѓа по многу скали.

- Моравме првин да ги решиме физичките бариери. Тие не можеше да се отстранат со бетонирање, па затоа набавивме машини-гасеничари кои ги влечат количките по скалите со што овие лица можеме да ги доведеме и на првиот и на вториот кат. Тоа функционира веќе втора година. Ги вклучивме и слепите лица во нашата археолошка изложба со тоа што им правиме тактилни копии и така им ја доближуваме приказната на секој експонат. Подготвуваме и текстови на Брајово писмо и аудоподдршка со информации за изложеното културно наследство и за она што е на локалитетите, истакна Ружин.

Со поддршка на Балканската музејска мрежа и Фондацијата добиле машина-фузер на која прават тактилни слики со што слепите лица имаат можност да доловат што е претставено на некоја уметничка слика, фреска, икона... Рече и дека често нивни гости се учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ за глуви деца од Битола, за кои организираат работилници за културното наследство.

Стевче Костадиновски, претседател на Здружението на слепи лица од Битола и на Заедницата на инвалиди во градот (кое ги опфаќа глувонемите и телесните инвалиди), зборуваше за искуството што им го овозможуваат овие проекти.

- Во соработка со Музејот, имавме екскурзија за слепите лица и ја посетивме црквата „Св. Ѓорѓија“ во Курбиново. Имавме подготвени тактилни слики на ангелите од фреските што се наоѓаат во оваа црква од 12 век и слепите лица можеа да ги опипаат. Исто така, слепите таму имаа можност со своите раце да вајаат мали скулптури, рече Костадиновски. Тој денеска беше меѓу учесниците на дводневната конференција „Балкански музеи без бариери“ чиј домаќин е Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Музејот на македонската борба во Скопје, пак, со грант од Балканската музејска мрежа го развива проектот „Музеј за сите“ кој се однесува на програма за слабовидни лица. Целта е постојаната музејска поставка да се адаптира за оваа категорија лица, што ќе вклучи и соодветна интерпретација на изложените предмети.

Овој музеј, исто така, го почна и проектот „Отворени музеи“ кој с е однесува на развој на музејска програма за лица и деца со аутизам и нивните семејства. Даниела Трајкова-Крстиќ, кустос во Музејот на македонската борба, рече дека проектот е комплексен и опфаќа повеќе активности меѓу кои е и изработка на музејски водич.

- Преку интердисциплинарен пристап и вклученост на стручни лица нудиме начин како музеите кои сакаат да работат со лица и деца со аутизам, а што е најважно и со нивните семејства, како да ја развијат програмата. Што е неопходното што таа треба да го содржи за да биде поддршка за овие лица и нивните семејства да имаат слободен простор во кој ќе уживаат и ќе го споделуваат културното наследство, рече Трајкова-Крстиќ.

Реализацијата на овој проект е веќе почната и во план е да биде промовиран на крајот на септември, во рамки на Европската недела на културното наследство.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2018 13:46