Со измените на Законот за оружјето донесени оваа година, потврдата за положен ловечки испит која се бараше како доказ при вадење на дозвола за одреден вид на оружје се брише од законските одредби, односно ловџиите при вадењето на дозволата за оружје нема да имаат потреба да доставуваат потврда за положен ловечки испит.
Во продолжение се законските измени како и образложението за изменетиот член од Законот за оружје.
Во член 9 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:
„По исклучок од ставот 1 точка 1 на овој член, одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице има наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години“.
Во ставот 2 кој станува став 3 зборовите „потврда за положен ловечки испит, односно“ се бришат.
Во членот 9 од Законот за оружјето се предвидува нов став 2 во кој е регулирано дека одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка нема да се издаде на лице помладо од 25 години, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години. Со предложените измени се ограничува правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години, освен ако не се активни членови на стрелачко друштво подолго од две години.
Наведените измени се направени од причина што досегашното искуство покажува дека е голем бројот на млади лица кои со наполнети 18 години веднаш поднесуваат барање за оружје од ваков вид, кое оружје според своите карактеритики е помоќно и поубиствено. Во истиот член во ставот 2 кој со предложените измени станува став 3, доказот за положен ловечки испит се брише.
Причина за оваа предложена измена е потребата од финансиско олеснување на граѓаните на кои ловечкиот испит им е само голем дополнителен трошок, како и потребата од изедначување на условите на барателите за добивање на спортско и ловечко оружје. Имено, барателите на спортско оружје согласно важечките прописи се во поповолна положба, со оглед дека при поднесување на барањето доставуваат само потврда дека се активни членови на спортско друштво, а на барателите на ловечко оружје им се бара и доказ за положен ловечки испит, за кој праксата покажа дека не им е од значење на надлежните служби, со оглед дека сите баратели на одобрение за набавување оружје поднесуваат доказ за техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето.
Согласно Законските измени за овој вид на оружје нема да има потреба да се доставува потврда за положен ловечки испит:
Категорија Ц - оружје што може да се набавува врз основа на одобрение издадено под олеснителни услови: 1) репетирачко долго огнено оружје, што не е опфатено со точката 6 од категоријата Б; 2) еднострелно долго огнено оружје со жлебена цевка; 3) полуавтоматско долго огнено оружје, што не е опфатено со точките 4, 5, 6 и 7 од категоријата Б; 4) еднострелно кусо огнено оружје со рабно палење со вкупна должина поголема или еднаква на 28 см; 5) еднострелно долго огнено оружје со нежлебени цевки; 6) адаптери;