Трансформација на социјалната заштита во систем по мерка на граѓаните кој ќе им даде поддршка тaму каде што живеат, во нивното природно опкружување и нивната средина, подразбира деинституционализацијата што е еден од клучните реформски зафати на Министерството за труд.

Министерството, кое пред еден месец ја објави Националната стратегија за деинституционализација за периодот 2018 - 2027 година, денеска во Струмица, со поддршка на Општината, организира јавна дебата со цел собирање предлози за подобрување на текстот.

Пред претставниците од граѓанските организации и лица со попреченост, стратегијата ја претстави Владимир Лазовски, координатор на работната група за деинституционализација при ресорното Министерство.

- Деинституционализација е трансформација на системот за социјана заштита, од систем ко базиран на големи резиденцијални институции, каде лица со попреченост, деца без родители и родителска грижа, во систем на социјални услуги во заедницата, рече Лазовски.

Тоа е, додаде, современ пристап, тренд кој со децении се одвива во многу земји во светот, а и кај нас не е нов зашто почна пред дваесетина години. Со донесувањето на Националната стретегија се очекува уште повеќе да се интензивира.

Според Лазовски, до 2020 година во институциите нема да има повеќе деца под тригодишна возраст. Мора да се пренесе пораката дека сите граѓани во општеството се еднакви, со еднакви права и можности, и дека обрвска на општеството и на заедницата е да им ги обезбеди тие права и можности.

- За жал, во нашето општество се уште има стереотипи и предрасуди за одредени групи лица како оние со попреченост, па дури и деца без родители и родителска грижа или деца кои имаат социјално-воспитни проблеми, посочи Лазовски.

Информира и дека веќе се работи на конкретна реализација на Националната стратегија за деинституционализација. Три деца го напуштиле Специјалниот завод во Демир Капија и се сместени во мал групен дом во Неготино. До крајот на овој месец сите деца кои се сместени во Домот „25-ти мај“ треба да преминат да живеат во мали групни домови во Скопје.

Во институциите за згрижување во Македонија моментно има околу 500 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2018 13:58