Поголема грижа за езерото, заштита на еко-системот, но и заедничка битка со дивоградбите на крајбрежјето, најавија првите луѓе на општините Охрид, Струга и Поградец на одбележувањето на Денот на Охридското Езеро – 21 јуни што денеска заеднички го прославија во Струга.
Градоначаникот на општина Поградец Едуард Капри и секретарот на општина Охрид Игор Бежоски информираат дека општините почнале ревизија на урбанистичките планови, додека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко смета оти градбите покрај брегот го разубавуваат езерото и ја збогатуваат туристичката понуда.
- Општина Поградец има подготвено урбанистички и стратешки план за местата каде што може да се постават градби кои ќе нудат услуги за туристите. Поставени се критериуми кои мора да се почитуваат и сметам дека преку овие планови ќе се регулира прашањето со дивоградбите, истакна Капри.
Тој посочи дека и времените објекти кои треба да работат само во туристичката сезона треба да исполнуваат одредени стандарди. Во однос на дивоградбите заклучи дека на албанскиот дел од езерото се во мал број, но ќе се разгледува дали воопшто треба да останат.
Секторот за урбанизам во општина Охрид, според секретарот Бежоски, работи за изнаоѓање соодветно решение. Во моментот се прави ревизија на сите урбанистички планови особено во централното градско подрачје.
- Имаме огромен проблем, објект до објект се изградени. Самата ревизија на урбанистичките планови ќе покаже колку е исправно тоа што се правело, рече Бежоски.
За градоначалникот на Струга, Мерко времените објекти го заштитуваат крајбрежјето.
- Ако некој мисли дека го загрозуваме езерото и екологијата јас го велам спротивното. Со сите туристички понуди и врмените концесии го заштитуваме крајбрежјето. Таму кај што нема концесионер и времени објекти има дива вегетација, змијарници, депонии..., нагласи Мерко.
Според него, треба да се изготви добра туристичка понуда која ќе привлече повеќе гости на охридското крајбрежје.
Трите крајезерски градови, Струга, Охрид и Поградец по 18 пат го одбележаа Денот на Охридското Езеро со културно уметничка програма и презентација на дел од угостителските објекти.