Ромскиот едукативен фонд (РЕФ) од Будимпешта и Министерството за образование и наука ќе продолжат да обезбедуваат финансиска стимулација и менторска поддршка за учениците од ромската етничка заедница во Република Македонија.

- Ова беше договорено на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука, Арбер Адеми и претставниците на Ромскиот едукативен фонд кој десетина години е партнер на земјава и придонесува во зајакнувањето на процесот на интеграција на младите Роми во општеството, преку поддршка и помош во нивното образование и реализација на личните и професионални аспирации, соопшти МОН.

Од Министерството информираат дека Адеми изразил задоволство од досегашниот придонес на РЕФ во креирањето и реализацијата на националните образовни политики на земјата, кој го оценил како исклучително висок и посакал да продолжат успесите и позитивните резултати од досегашната соработка.

Со поддршка од РЕФ досега се доделени над 5.000 стипендии на ученици Роми и ангажирани се околу илјади наставници ментори и тутори кои преку дополнителна настава им помагаат на учениците за полесно совладување на материјалот од наставните предмети.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2018 23:58