Светски познатиот археолог Захи Хавас попладнево ги посети археолошкиот локалитет Стоби и неготинскиот музеј, во рамки на неговата посета на регионот, по повод празнувањето на 24 јуни, Денот на балканските Египќани.

Бил министер за антиквитети во Египет во 2011 година. Тој е амбасадор на културата на Обединетите нации. Неговиот лик и дело биле инспирација при пишувањето на сценариото за филмскиот лик Индијана Џонс, на Џорџ Лукас и Стивен Спилберг.

Гостинот рече дека е импресиониран од тоа што го видел во текот на целиот ден во Македонија.

- Се видов со младите луѓе кои истражуваат во археолошкиот локалитет Стоби, направиле одлична работа. Импресиониран сум од истражувањата и прекрасните наоди, но и од прекрасниот амбиент во неготинскиот музеј и одличниот прием од страна на директорот Драгица Чекорова, нагласи тој.

Како археолог, додаде, многу добро го разбира и цени сето тоа што го видел како истражување во Македонија.

Рубин Земон, советник во кабинетот на премиерот за мултикултурна соработка, нагласи дека во иднина се очекува поголема соработка со Египет, нешто што досега не било случај.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2018 01:02