Глумци, пејачи, новинири, спортисти, водители и останати јавни личности... испратија заедничка порака „Го сакам градот безбеден“, и со тоа даваат поддршка на новата едукативна активност на РСБСП која го носи токму овој наслов, а има за цел подигнување на сообраќајната култура и свест во секој град и во секое населено место во Македонија.

На овој начин, РСБСП со поддршка на јавните личности ги најавува двете активности кои ќе се случуваат престојниот период. Станува збор за кампањата „Недела за безбедност на сообраќајот“ во Охрид и во Битола. И двете, со ист наслов, со иста порака со исто мото –„ Го сакам градот безбеден! “

- Во Република Македонија, во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6000 лица се тешко повредени. Тоа значи дека на секои два – три дена по еден човек го губи животот во сообраќајна незгода, а по неколку лица на ден се тешко повредени и остануваат со траен инвалидитет како последица на сообраќајна незгода. Сообраќајните незгоди се причина број еден за смртност кај младите лица, укажуваат од РСБСП.

Главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици се брзото возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, неетичко, некултурно, неодговорно, нетолерантно однесување во сообраќајот.

РСБСП и сите јавни личности кои ја поддржа кампањата „Го сакам градот безбеден“ апелираат на поголема одговорност во сообраќајот, целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

- Пред нас е лето, време на одмори и забави, време за нови искуства и нови доживувања, а статистичките податоци и искуствата од минатите години покажуваат дека бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди во летниот период двојно се зголемува. За безбедно лето, за безбеден сообраќај, бидете дел од кампањата„ Го сакам градот безбеден“ и дадете го вашиот придонес за побезбеден сообраќај преку целосно и без исклучок, почитување на сообраќајните правила и прописи, апелираат РСБСП и јавните личности кои ја поддржаа кампањата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2018 11:16