Етнокореолозите да се вклучат во центрите и домовите за култура - работен состанок на оваа тема се одржа денеска во Неготино. Се разгледуваше Предлог-стратегијата за вклучување на етнокореолозите во функционирањето на центрите и домовите за култура, музеите, државните фестивали и семинари.

Присуствуваа етнокореолози или стручни лица кои се занимаваат со изучување на македонската традиција и македонските традиционални ора, претставници на Министерството за култура и културните домови и центри.

- Од пред неколку месеци изготвивме Стратегија за вклучување на етнокореолозите во културната дејност во државата. Ја имаме поддршката од Министерството за култура и веќе во центри за култура се вметнуваат во систематизација и програма вакви кадри. Целта е зачувување на традицијата и македонскиот фолклор, рече за МИА Александар Арсов, член на Здружението на етнокореолози на Македонија.

Плодна работа и остварување на целите на Здружението на етнокореолоз посака неготинскиот градоначалник Тони Делков.

- Колку што сум информиран, целта на оваа стратегија е да се претстави и да се запознае вистинската слика и цел на етнокореолозите во нашата држава, а наедно и да се дадат издржани и достојни аргументи зошто тие се неопходни и колкава е нивната потреба за имплементација на етнокореологијата во образованието, во институциите каде се нуди фолклорен или етнолошки оддел. Се надевам дека ќе успеете во намерата да ги остварите зацртаните цели и визии преку вклучување на етнокореолозите во центрите и домовите на култура, рече Делков.

Причина за тоа е што, како што нагласи, етнокореолозите во Македонија, за разлика од другите земји на Балканот и во светот, како научни и стручни лица не се доволно искористени со своите способности и знаења, преку кои на населението можат да му понудат едукација и подигнување на нивото на традиционалната култура на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2018 12:49