Во „Кино Култура“ вечер од 20 часот ќе биде изведен мултимедијален перформанс насловен „’Ртулци“, создаден од младите уметници кои беа дел од првата продукција „Инкубатор“.

Настанот го организираат Културниот центар „Интерарт“ и Амбасадата на Швајцарија во Македонија, а ќе се обратат Рисима Рисимкин, уметнички директор на проектот, и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада.

- Музика, танц и визуелна уметност - синергија на сцена претставена низ призмата на нов бран млади креативци. Седум оригинални уметнички дела ќе пренесат приказна создадена на тримесечните работилници на „Инкубатор“, под менторство на истакнати македонски уметнички имиња, соопшти Културниот центар „Интерарт“.

Целта на културната програма „Инкубатор“ е интегрирање млади уметници во современата уметничка сцена преку професионално менторство и поддршка, што на долг рок ќе придонесе збогатување и дополнително афирмирање на младинската современа уметничка сцена во Македонија, но и надвор од границите.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2018 17:38