Во Битола денеска ќе почне шестиот „Шекспир фестивал“ кој ќе го отвори ансамблот на домаќинот и организатор на фестивалот - Народен театар-Битола со претставата „Јулие Цезар (Res Publica - Cosa Nostra)“ во режија на Златко Паковиќ.

Најавена е богата и квалитетна програма до 30 јуни кога фестивалот ќе биде затворен од Црногорскиот народен театар од Подгорица кој со многуброен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“ во режија на Дино Мустафиќ.

На годинашниот „Битола Шекспир фестивал“ атрактивен а капела Шекспир концерт и 11 театарски претстави ќе изведат над 500 учесници од Полска, Романија, Казахстан, Италија, Хрватска и од Македонија.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ, на прес-конференцијата по повод фестивалот истакна дека прават посебни подготовки за гостувањето на уметниците од Полска кои на 29 јуни ќе изведат а капела Шекспир концерт.

- Очекуваме атрактивен концерт на хорот од Краков кој ќе биде придружуван од една од најголемите ѕвезди во Полска и Европа, уметникот Станислав Сојка. За време на концертот тој ќе приреди рецитал со сонетите на Шекспир. Во Битола ќе гостува и познатиот Театар на вечни вредности (Theater of Eternal Values) - интернационален ансамбл позициониран во Италија во кој настапуваат актери од цела Европа и кои на фестивалот ќе ја изведат претставата „Шекспировите жени“ во режија на Ерик Лорен, рече Јерчиќ.

На фестивалската програма годинава се и претставите „Ричард Трети“ на театарот „Гавела“ од Загреб. Театарот од Темишвар ќе настапи со „Шекспир сонет 66“, а од Букурешт ќе ја изведе претставата „Хамлет“. Актерите од театарот „Верди“ од Задар ќе настапат со „Отело – незаконита литургија“, а Академскиот руски драмски театар од Казахстан ќе ја изведе претставата „Ромео и Јулија“.

- На свеченото затворање на 30 јуни ќе настапи Црногорскиот народен театар од Подгорица чиј броен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“. Посебно сум задоволен од учеството на театрите од нашата држава бидејќи освен Битолскиот театар, со свои претстави ќе настапат и Театарот за деца и младинци со претставата „Сонот на Вилијам“, Албанскиот театар-Скопје ќе ја изведе претставата „Макбет“, а Турскиот театар-Скопје ќе гостува со претставата „Крал Лир“, истакна Јерчиќ.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува со поддршка на Општина Битола и е под покровителство на Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2018 17:38