Книжевна вечер на Лидија Димковска во организација на издавачката куќа „Поетека“, во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“, вчера се одржа во Тирана, Албанија.

На книжевната вечер, која Димковска специјално и ја посвети на неодамна починатата хрватска писателка со европско реноме, Даша Дрндиќ, се читаа извадоци од делата на Дрндиќ и песни од Димковска во препев на албански јазик на Даим Мифтари. Вечерта ја водеше албанскиот писател и уредник на „Поетека“ Ариан Лека.

Лидија Димковска во текот на јуни е гостинка на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа „Поетека“ од Тирана, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.

Наскоро на албански јазик ќе биде објавен романот на Димковска „Скриена камера“, а списанието за литература „Поетека“ ќе објави поголем избор од нејзината поезија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2018 19:08