Во Штип денеска беше промовирана кампањата „На секое дете му треба семејство“, која има за цел да ги мотивира македонските семејства да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски истакна дека локалната власт ќе се заложи за ширење и унапредување на оваа кампања, која треба да даде многу позитивен бенефит, а ќе се заложи за ширење на локалните мрежи на згрижувачи и преку локални мерки ќе го олесни овој процес.
- Во моментот над 200 деца помали од три години живеат одделно од своите родители и од своите семејства, живеат без родителска љубов и грижа во институциите, кои се соодветни за ваквите дечиња. Оваа бројка во иднина мора да се намалува бидејќи децата се нашата иднина и сите подеднакво заслужуваат сигурен дом, многу љубов и родителска грижа, вели Бочварски.
Кампањата „На секое дете му треба семејство“ ја реализираат Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ.
Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ забележа дека денеска се во Штип за да ги мотивираат граѓаните да станат дел од згрижувачките семејства, со цел на децата без родителска грижа им се даде љубов и грижа, надвор од големите институции. Позитивните приказни денеска ги презентираа и членови на згрижувачки семејства од Штип, Карбинци и Пробиштип.