До крајот на месецот ќе се изгради бетонската препрека во штипската Филтер станица, која ќе има функција да ја намалува силината на водата што ќе пристигнува од цевководот на Хидросистемот (ХС) „Злетовица“, информира денеска директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев.

- Наште работници интензивно ја градат. Средствата ни се обезбедени од нашата Програма за работа. По изградбата ќе следи и период на тестирање, дали на овој начин ќе се реши проблемот, вели Тасев.

Тој додава дека во меѓувреме се очекува да пристигнат и експертите од Словенија, кои треба да утврдат дали на овој начин ќе се реши проблемот со силината и матноста на водата или дополнително ќе требаат инвестиции.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски предходно за МИА рече дека откако ќе се надмине проблемов, за почеток Штип комбинирано ќе користи вода и од Злетовица и од постоечките подземните бунари. Големата матност на водата ќе значи и дополнителни средства за преработка на водата за пиење.

Според анализите на ХС „Злетовица“ решението за матноста на водата се гледа во реализацијата на третата фаза од Злетовица, кога ќе се изградат шест хидроцентрали со моќност од 10 мегавати.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2018 15:13