Министерот за образование и наука Арбер Адеми учествува на 7. Министерски состанок што денеска и утре се одржува во Брисел, во организација на Европската комисија, а во рамки на Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан.
На панел дискусијата посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во делот на науката и истражувањето, министерот Адеми истакнал дека во Македонија се преземени бројни активности и започнати се низа проекти коишто на среден и долг рок треба да обезбедат напредок во сферата на науката и иновациите.
Министерот Адеми се осврнал и на новата Стратегија за образование за периодот до 2025 година, за која, како што рекол, е значаен стратешки документ којшто ќе помогне во интеграцијата на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.
Од Министерството за образование и наука денеска информираа дека подетално во однос на активностите коишто произлегуваат од Стратегијата, министерот Адеми ќе се произнесе во текот на утрешниот ден, за кога се предвидени панел дискусии посветени на предизвиците и политиките за развој на основното, средното и високото образование во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот состанок во Брисел присуствуваат претставници на Европската комисија, Генералниот директорат за образование и култура, Директоратот за проширување, како и министри и претставници на министерствата за образование на Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан е создадена во 2012 година и има за цел да иницира поголема соработка меѓу земјите од регионот за да се разменат позитивни примери и искуства, да бидат детектирани образовните предизвици и да се обезбеди заеднички пристап за нивно надминување.