Американката Серена Вилијамс ќе биде 25-та носителка на третиот Грен слем турнир, одлучија организаторите.
И покрај тоа што во моментов Вилијамс е на 183. место на ВТА ранг листата, организаторите и доделија носителска улога, а сличен потег најавија и раководните лица на УС Опен во случај до почетокот на тој тутнир, Серена сама да не влезе меѓу фаворитките.
Оваа одлука на организаторот директно ја погоди Доминика Чибулкова. Словачката тенисерка иако е на 32.место на светската ранг листа, остана без место меѓу фаворитките.
- Мислам дека тоа не е вистинска одлука и дека не е фер. Се обидов и треба да бидам носител. Јас бев четврта во светот. Зошто да не бидам носител ако го имам тоа право, прашува словачката тенисерка која има две четвртфиналиња на Вимблдон.
Вилијамс, која во својата кариера освои 23 титули на Грен слем турнирите, седум од нив се од Отвореното првенство на Велика Британија. Таа играше само на три турнири во последните 12 месеци.
Вимблдон ќе се игра од 2 до 15 јули.