Достапноста и пристапноста на музеите до лицата со попреченост беше тема на годинашната, втора по ред Меѓународна конференција „Балкански музеи без бариери“, која се одржа на 20 и 21 јуни во Музејот на жртвите од холокаустот во Скопје, на која помеѓу четириесетмината учесници од дваесетина музеи од Балканот учествуваа и претставници од Локална установа Градски музеј, Крива Паланка.

Аудио-водич низ музејските поставки, тактилни предмети-експонати и пристапни рампи за лицата со попреченост на сите влезови на Кривопаланечкиот музеј се она што оваа локалана установа ја прави единствена од ваков вид во Македонија со толкав опфат на инклузивни содржини во превентирањето на поставките и културното наследство.

-ЛУ Градски музеј, Крива Паланка е дел од Балканската мрежа на инклузивни музеи-музеи без бариери благодарение на проектот кој го имплементиравме неодамна, насловен „Слушај и учи“, со кој се поставени модерни електорнски уреди со инсталиран аудио водич на шест јазици. Со овој проект кој го изготвивме со волонтерот на Мировен Корпус на САД во Македонија, Кајл Бутчер, беше создадена првата аудио тура, единствена од ваков вид во државата. Има музеи кои имаат аудио книги, останати содржини, но, нашата аудио тура води низ сите поставки: етнолошка, археолошка и историска, а и самиот водич е инклузивен, опфаќајќи ги јазиците на заедниците: ромски, албански, англиски, француски, турски и македонски јазик, изјави Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.

Со шесте јазици кои се инсталирани во аудио-водичот, овозможена е достапност на поставките, на кулутрното наследство до сите посетители, и за заедниците во Македонија, и за странските туристи.

- Покрај аудитивниот дел, во поставките се интегрирани и девет тактилни предмети со Браево писмо, за лицата со оштетен вид, а истовремено, градскиот музеј работи на надополнување на проектот, со поддршка од општина Крива Паланка и Министерство за култура, со создавање услови за современа визуелна и видео-презентација на која во иднина ќе биде презентиран видео-водич за лицата со оштетен слух, со насочници со знаковен јазик, додава Величковски.

Во музејот веќе се поставени 30 монитори на кои се презентира културното наследство, а според одговорните, ваквиот стил на опремување на мувеите и нивна модернивација со визуелизација се работи по примерот на останати Балкански музеи, како мувејот од Зајечар и Књажевац, Република Србија, музеи-лидери во инклузивност на Балканот.

- По конференцијата согледавме дека на тој начин ќе ја заокружиме, комплетираме целокупната понуда на институцијата како музеј без бариери за лицата со попреченост. Со „Слушај и учи“ беа набавени и поставени пристапни рампи на влезовите на музејот, на двата ката, па во секоја смисла на зборот установата е пристапна и достапна за сите, нагалси Величковски.

Ефектите од проектот „Listen and learn“, покрај целосна инклузивност, се подалекусежни и сеопфатни, бидејќи според Кајл Бутчер, кој го изработи проектот и го имплентираше со средства од Мировен Корпус, истиот ќе придонесе и за создавање можности за учење и развој на капацитетите на псоетителите.

- Со овој проект создадовме дополнителни можности за учење за младите од Крива Паланка и пошироко, бидејќи при посета на музејот преку аудио-водичот ќе научат нови јазици или ќе ги усовршат јазиците кои ги учат, ќе ги зајакнат нивните потенцијали и капацитети, ќе ја усовршат примената на модерни технологии и ќе наушат многу повеќе за историјата и кулутрата, етнографијата и традицијата на Крива Паланка. Ми беше чест да работам со исклучително посветениот тим вработени во музејот, кои и надвор од работното време посветија вниамние, напори, труд и енергија за целата идеја да биде комплетно воспоставена во пракса, да се изработат сите неопходни предвидени елементи, за се да биде така добро, како што е, според посетителите кои веќе имаа можност да го погледнат и применат воведениот систем, изјави Бутчер.

Промоцијата на аудио-водичот наиде на одличен прием кај сите посетители кои имаа можност да го применат и да минат една поинаква тура низ музејот, а меѓу нив се вброија: претставници од локалната власт, градоначалници, дел од дипломатскиот кор во земјава, амбасадарот на САД во РМ, Џес Бејли, постојаната претставничка на ОН во Македонија, Лујза Винтон, лица со попреченост од градот, корисниците од Дневнито центар во Крива Паланка, лица со оштетен вид, останати гости. Сите едногласно го поздравија проектот, отвореноста на надлежните во музејската дејност во оваа установа, посветеноста на работата и несебичното залагање за достојна промоција на градот.

- Аудио-турата е финализација на превентацијата на поставките до сите посетители, за да можат да бидат претставени комплетно сите изложени предмети, подеднакво значајни за културно-историското наследство на градот, заврши Величковски.

Музејот е основан во 2011 година, кога се отворени и пуштени во употреба првите поставки, етнолошката и историската. Тековно, се изврши реконструкција на истите, во 2017 и на почетокот на оваа година, а во завршна фаза е нивната реконцепција, по што поставките со ново руво и нов лик ќе бидат повторно огледало на времето што ја пртствува срж’та на битисувањето во Крива Паланка и Кривопаланечко од основањето на градот, во 1634 година до денес.

Ирена Димитровска



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2018 13:55