Собраниската Комисија за култура денеска, во рамки на 14. седница, треба да продолжи со надзорната расправа на тема „Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културно наследство“.
Комисијата ќе продолжи со ислушување на исказите на останатите сведоци од државните органи, институции, јавни претпријатија, научни институции и граѓански организации.
Надзорната расправа е на иницијатива на владејачкото мнозинство, но е поддржана и од опозициските пратеници. Почна на 22 мај годинава, а целта е да обезбеди одговори од надлежните до каде се активностите за заштита на Охрид и Охридското езеро.