Лактофризери, роло-балирачка, миксер за сточна храна и бокс за кастрење копита на крави - дел од оваа нова, современа опрема ќе биде достапна за околу 50 фарми во Пелагонија со цел унапредување и модернизација на млекопроизводството.

Опремата ја набави Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, во соработка со компаниите „Здравје Радово“, „Екошар“, „Сано“ и „Маранчо“, а ќе биде промовирана денеска на сточарска фарма во селото Могила.

УСАИД предвидува и обуки за добри сточарски практики (хигиена на фарми, здравје на добитокот, генетика на сточниот фонд), кои ќе ги зголемат продуктивноста и приходите на фармите вклучени во проектот.

- Новата технологија и знаење ќе им помогнат на сточарите од регионот да станат поконкурентни, овозможувајќи им раст на бизнисот, зголемување на приходите и работните места. „Здравје Радово“ набави 30 лактофризери за своите кооперанти со коинвестиција од Проектот за обуки и техничка помош во млекопроизводството, додека УСАИД, „Сано“, „Екошар“ и „Маранчо“ заедно набавија роло-балирачка, TMR миксер за сточна храна и бокс за кастрење копита на крави, информира УСАИД.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 10:44