Министерот за култура Асаф Адеми денеска имаше работна средба со Дритеро Касапи, директор на Шведскиот национален театар „Рикстеатерн“.
Скопјанецот Касапи своето образование го стекна на Факултетот за драмски уметности и има 20 години искуство како режисер во Шведска и во други земји од Европа, како и неколку водечки позиции - менаџер и уметнички директор.
На средбата во Министерството за култура Адеми и Касапи разговарале за можностите за воспоставување соработка помеѓу театарските установи од Македонија со Шведскиот национален театар, која е една од најреномираните театарски куќи во Кралството Шведска.
- На состанокот стана збор и за можноста за создавање копродукциски проекти кои во иднина би се прикажувале пред публиката во двете земји, информира Министерството за култура.