Градење позитивен однос полиција-сопственици на угостителски објекти во рамките на проактивниот пристап на работа на полицијата во заедницата и под мотото „Почитување на законите“, денеска во Струмица се одржа заеднички состанок на претставници на СВР Струмица и угостители.
Според Жанко Зимбаков, заменик началник на СВР Струмица, заедничкиот состанок со угостителите е со цел полицијата да има проактивен пристап во делот на точење на алкохол на малолетници, присуство на малолетници во угостителските објекти по полноќ, како и законското и прописно работење на угостителите.
- Ние им укажуваме на угостителите кои законски недостатоци ги имаат преку контролите кои досега ги вршевме и им укажуваме како да ги отстранат за да немаат проблеми при реализирањето на нашите или заедничките контроли со други институции. Делуваме превентивно, но и укажуваме дека ќе има контроли и при тоа ќе бараме децидно почитување на законските прописи, рече Жанко Зимбаков, заменик началник на СВР Струмица.
Додаде дека ваквите интензивни мерки и активности се преземаат поради зголемената раздвиженоста во угостителските објекти, пред се во кафулињата, на летните тераси и во дискотеките во кои, по започнување на училишниот распуст, уште позабележително ќе биде присуството на младите, посебно во вечерните часови.
Угостителите сметаат дека генерално во Струмица се почитуваат законските прописи.
- Генерално во Струмица законските прописи за работењето на угостителските објекти се почитуваат, но секако има определни отстапки од некои угостители. Поддржуваме доколку некој не работи според законот да биде казнет. Се трудиме гласноста на музиката да биде колку што е пропишана, како и присуството на малолетници во нашите локали да е во рамките на законот, рече Стојан Иванов, претседател на Струмичката бизнис заедница и сопственик на кафуле.
На денешниот заеднички состанок присуствуваа градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, претставници на УЈП, Општинската и Пазарната инспекција.