Околу 250 исполнители на изворни инструменти и песни ќе настапат на годинашниов 44. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што ќе се одржува утре и в сабота, на 29 и на 30 јуни во Прилеп и во Долнени, беше соопштено на денешната прес-конференција во Прилеп.
Според Златко Лашкоски, секретар на Фестивалот се е подготвено за новото фестивалски издание зашто оваа национална манифестација е единствена од ваков вид што го негува и го зачувува изворниот мелос како културно и фолклорно богатство.
- Подготвени сме да ги пречекаме учесниците. Очекуваме околу 250 учесници од цела Македонија. Направивме да биде програмата интересна. Утревечер, на отворањето во Прилеп ќе настапат групи од западниот дел од Македонија и од Прилеп. Во сабота, на Рудина кај Долнени ќе настапат натпреварувачите од источниот дел на Македонија. Очекуваме високо ниво на Фестивалот и да докажеме уште еднаш дека овој фестивал, единствен од ваков вид, го заслужува тоа. А тоа се возвраќа преку учеството на млади, нови талентирани музичари на изворниот мелос, рече Лашкоски.
Како што најави догодина, за јубилејното фестивалско издание може да се отвори школа за изучување на гајдата, посветена на основачот на Фестивалот - светски познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски, но и како потсетување дека Долнени, лулката на гајдаџиството на времето имал десетици гајдачии, а сега ниту еден.
По петти пат од понеделникот до утре, петок, се одржува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни како дел од Фестивалот. Етномузикологот Горан Василевски вели дека интересот е голем, а годинава Семинарот се одржува во спомен-куѓата во Долнени.
- Очекувавме 7-8 учесници, а се пријавија 16. Тоа се млади, ученици од училиштето од Долнени. Годинава ги вклучивме младите кои немаат, како досега, посебно искуство во изворниот мелос. Пријатно сум изненаден дека се успешни. Својата програма ќе ја претстават на Фестивалот, рече Василески.
Уметничкиот директор и селектор на фестивалот, професор д-р Родна Величковска вели дека морало да се направи селекција од околу 500 пријавени, а задоволство е што изворниот мелос се негува кај младите.
- Интересно е дека се повеќе имаме млади-талентирани изведувачи. А учесниците се, буквално од 7 до 77 години, па можеби и постари. Имаме групи кои за првпат доаѓаат на Фестивалот. Најбитно е што импресионираат со програмата со која ќе учествуваат. Бевме во потрага по млада група која првпат доаѓа, вели Величковска.
За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски многу е битно одржувањето на Фестивалот со кој градот се гордее.
- Задоволство е што може да се видат многу талентирани учесници на изворниот мелос на Фестивалот. На учесниците им посакувам добредојде во градот и да имаат инспиративен настап. Прилеп останува со несебичната поддршка за Фестивалот кој е единствен од ваков вид во земјава, рече Јованоски.
Според членот на извршниот одбор на Фестивалот Весна Атанасовска Вучиќ, негувањето на изворниот фолклор пред 44 години беше тежок почеток, но денес сите настојувања се вредни.
- Сега е полесно. Сите сме свои на своето. Сега има услови, а ентузијазмот никогаш не смее да не напушти. Мораме да ги мотивираме младите, зашто најсилни сме со мајчиниот јазик и со традицијата. Низ светот ја шириме традицијата, а македонската традиција е богата, и по тоа сме препознаени, вели Атанасовска Вучиќ.
Манифестацијата е финансирана од Министерството за култура, со поддршка од прилепската локална самоуправа и со логистичка и морална поддршка на општина Долнени.
Доколку временските прилики не одговараат отворањето на фестивалот утревечер ќе биде во Домот на културата „Марко Цепенков, а в сабота во општинската сала на Долнени.
В сабота во Долнени е натпреварувачкиот дел. Жири-комисијата на Фестивалот ќе ги оценува и ќе ги награди најдобрите настапи. Ќе ги додели Гран при наградата за најдобри учесници и гајдата на Пеце Атанасовски за најдобриот гајдаџија која ја обезбедува општина Долнени.
Лани, за прв пат се изгради амфитеатар на Рудина кај Долнени и се уреди просторот за учесниците.