Музички, филмски и театарски остварувања од млади творци од сите земји кандидати за влез во ЕУ - Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе бидат претставени денеска на културно-уметничкиот хепенинг „Млада Европа на Балканот“.

Настанот го организира Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕФТА и ќе се одржи во Македонски железници-Инфраструктура (спроти главниот влез на Железничката станица), кој ќе биде Креативен центар за аудиовизуелни уметности.

Манифестацијата ќе биде отворена со реч на ректорот на Универзитетот Јордан Плевнеш и Ирфан Асани, директор на Македонски железници-Инфраструктура.

Најавено е и обраќање на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој ќе ги поздрави младите творци. Повод е и објавувањето на специјалното издание на книгата „Европа наш заеднички дом“ од Жан Моне, еден од основачите на Европската Унија.

ЕФТА соопшти дека хепенингот „Млада Европа на Балканот“ ќе се одржува на крајот на секоја академската година.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2018 14:15