„Културен мост“ е насловена првата македонско-грчка ликовна колонија што од утре до 5 јули ќе се одржува во Струга во организација на здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје.

Пет македонски сликари, шест познати уметници од Грција и тројца млади стружани ќе имаат можност да ја искажат својата креативност, а нивните дела бидат изложени на 6 јули во Чифте Амам во Скопје.

Целта на колонијата, како што соопшти организторт, е воспоставување, развивање и продлабочување на културната соработка и пријателство меѓу уметниците од Македонија и Грција. Иницијативата е на здружението „Концепт“, а учесниците покрај во Струга ќе имаат можност да уживаат во убавините на Калишта, Радожда, Вевчани, Охрид и кањонот Матка.

На колонијата ќе учествуваат македонските уметници Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска, како и Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис од Грција.

Преку овој проект здружението на граѓани „Концепт“ дава свој придонес во заложбите за добрососедство, пријателство, соработка и комуникација меѓу уметниците на двете држави, со што истовремено се развиваат и продлабочуваат и културните односи меѓу Република Македонија и Република Грција.

Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2018 14:26