Студенти од академии за театар, филм и музика од шесте земји кои се кандидати за членки во Европската унија (Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина) денеска во Скопје учествуваат на заеднички настан „Млада Европа на Балканот“.

Настанот го организира Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕФТА во Креативниот центар за аудиовизуелни уметности - простор на Македонски железници-Инфраструктура, а идејата е хепенингот на младите од Балканот таму да се одржува на крајот на секоја академска година.

На отворањето на настанот младите ги поздрави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој го напиша предговорот на неодамна објавеното специјално издание на книгата „Европа наш заеднички дом“ од Жан Моне, еден од основачите на Европската Унија.

- Сите ние работиме за вас и вашата иднина. Вие, исто така, треба да работите и за вас, и за нас, бидејќи вие ја имате судбината на Европа во вашите раце. Ние не знаеме на што ќе личи Европа, но ако личи на вас, на вашата убавина, тогаш сум сигурен дека Европа ќе успее, рече Тимоние.

Ректорот на ЕФТА Јордан Плевнеш истакна дека просторот кој е оспособен во партнерство со Македонски железници-Инфраструктура, ќе се отвори за уметничките идеали на сите млади генерации на Балканот.

- Никола Бувие од Швајцарија кој во 1960-тите престојувал во Македонија, во книгата „Употребата на светот“ напишал дека Балканот е срцето на Европа. Сега ние, со овој настан и во овој простор, наоѓаме место за презентација на уметноста која ќе го носи името „Млада Европа на Балканот“, рече Плевнеш.

Тој изјави дека просторот на Македонски железници-Инфраструктура го предложиле како место за соединување на шесте земји кандидати за членство во ЕУ на културен и уметнички план.

- Просторот е идеален, и со нивно и наше ангажирање, како и со помош на поголем број фондации и амбасади од Европа, ќе го дотераме и ќе биде прв историски простор кој ги обединува сите земји од Западниот Балкан. Ќе се одржуваат настани од областа на филмот, театарот, музиката, изјави Плевнеш за МИА.

Салата во сопственост на МЖ-Инфраструктура има сцена и гледалиште со 240 седишта. Директорот на МЖ-Инфраструктура Ирфан Асани рече дека се работи за идеја на две поврзувања - преку културата и преку инфраструктурата.

- Поврзување од Исток со Запад или Коридор 8, и од Север до Југ, од Егејско до Северно Море. Тоа е таа голема Европа за која сите зборуваме. Логично е ние да сме млада Европа зашто целиме натаму. Просторот е отворен за сите културни настани. Досега беше користен само од некои друштва, меѓу нив и од КУД „Владо Тасевски“ кое е поврзано со Железница, изјави Асани.

На настанот беа прочитани извадоци од книгата на Жан Моне, а студенти од прва година на ЕФТА во класата на проф. Мето Јовановски, изведоа дел од драмата „Дантоновата смрт“ на Георг Бихнер.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2018 14:41