Во велешкиот регион, каде неодамна се случи трагедијата каде во пожар настрадаа три малолетни лица од семејство во социјален ризик, има 1.132 семејства корисници на социјална помош, од кои најзагрозени се осумдесетина. Дилемата во јавноста е како и дали можело да се помогне. Истрагата се уште не е завршена, а невладиниот сектор бара одговорност.
Габриела Гијовска, социјален работник, вели дека во ноември лани Центарот за социјални работи направил увид во домот на семејството и оттогаш немале никаква пријава од никого, што според констатцијата од стручните лица, значело дека родителите се грижат за децата. Таа потенцира дека многу семејства во земјава живеат во слични - несоодветни услови, но, оти тоа не било причина децата да им бидат одземени на родителите.
Од Првата детска амбасада Меѓаши бараат одговорност од Центарот за социјални работи во Велес, дали и колку се грижеле за семејството, чии членови, бидејќи се невработени и мајката и таткото биле корисници на социјална помош, па за да ги нахранат децата морале да собираат и пластични шишиња.
Според директорот на Првата детска амбасада Драги Змијанац надлежните можеле на родителите или барем на едниот од двајцата да му обезбедат работа и со тоа ќе им се овозможела и подобра егзистенција на децата. Бидејќи биле добри родители, како што го констатирале и стручните работници од Центарот за социјална работа, значи немало потреба да им се одземат децата, туку требало да им овозможат да бидат згрижени во некоја од детските градинки во градот. Значи требало да им се овозможи родителите да одат на работа, а потоа и на пазарување, а децата за тоа време да бидат на сигурно и згрижени во градинка.
Змијанац прашува како тоа надлежните констатирале дека семејството има добри услови за живеење и одгледување на децата кога во скромната куќа - соба на дол на рид и тоа во шума изградена на непристапен терен, го немале најосновното - вода и струја.
- Јас замислувам и секој од нас може да замисли колку секојдневно и било тешко и се мачела мајката Марина, кога четири години немала каде да ги искапе своите деца, па морала и лето и зима да носи на раце вода со канти и ја топли на шпорет со дрва. Таа во канта морала да носи и вода за да ја испере нивната облека, а во туби и шишиња вода за пиење и за да ја зготви храната и за сите останати најосновни животни потреби и така секој ден од утро до мрак. А навечер наместо собрано пред телевизор, семејството морало да седи во темнина на слаба светлина од свеќи, вели Змијанац.
Семејството барало да добие социјален стан, но каков апсурд и покрај сите услови кои ги исполнувале, тие не го добиле.
Семејството живееше во куќа која се наоѓа под ридот Вршник во Велес, на тешко пристапен терен, отсечена од најблиските објекти до Велес. Во пожарот настрадаа трите деца, кои биле сами во куќата кога избувнал пожарот. Истрагата треба да ги утврди причините за пожарот.