Во Штип денеска беа одбележани 105 години од Брегалничата битка во месноста Каленица, каде што порано имало спомен костурница, а од пред неколку години спомен обележје.
На одбележувањето присуствуваа претставници од српската амбасада, државниот секретар во Министерството за труд, социјална политика и боречки права при Влада на Република Србија, членови на здруженија и организации.
Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски во своето обраќање истакна дека оваа битка треба да служи како поука за тоа како народите на Балканот не треба да се однесуваат.
- Она што треба секојдневно да го правиме е да подадеме рака секому и да се бориме против поделбите. Да имаме разбирање меѓу себе, да соработуваме и секогаш да имаме на ум дека богатството што Македонија го поседува е во различностите, а убавината е во обединувањето на тие различности. Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Ни требаат оптимизам, смиреност и одговорност, почит за минатото, но и одлучен чекор кон подобра иднина, рече Бочварски.
Забележа дека народите од Балканот треба да учат од историјата, а не да ја повторуваат, и на темелите од минатото да градат иднина.