Женското бебе кое синоќа околу 2 часот по полноќ било оставено од непознато лице или непознати лица пред вратите на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола, од денеска е згрижено во таа установа, а надлежните органи вршат истрага.
Во изјава за МИА, директорката на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца-Битола, Соња Илијовска, истакна дека по пријавата на настанот веднаш биле известени СВР-Битола и Центар за социјални работи-Битола, а на бебето му била укажана здравствена помош и детален здравствен преглед на Одделението за неонатологија во Клиничка болница-Битола.
- Женското бебе е здраво, згрижено и со максимална нега. Тоа е нашата основна дејност и задача, додека пак останатите служби и институции ќе постапуваат согласно надлежност, изјави кусо Илијовска.