Најновото издание на „Битола Шекспир фестивал“ заврши успешно, изјави Илина Чоревски, уметнички директор на НУ Народен театар-Битола, домаќин и организатор на фестивалот.

Посочи дека годинава имало најмногу претстави, вкупно 12, уметниците на сцена зборувале на 10 јазици, а за прв пат сонетите на Шекспир биле изведени на акапела концерт предводен од полската мега ѕвезда Станислав Сојка.

- Во осумте фестивалски денови престојуваа околу 400 уметници од Казахстан, Израел, Полска, Романија, Хрватска, Црна Гора и од Македонија. Регистриравме околу 2.400 посетители кои ги погледнаа претставите на фестивалот а најголема заинтересираност имаше за претставите на нашите пријатели од регионот, односно театарот „Гавела“ од Загреб со нивниот „Кралот Ричард трети“ и Црногорско Народно позориште со „Зимска Бајка“. За нас како тетарска куќа беше важно присуството на еден од најзначајните театарски режисери во Европа, Андреј Жолдак кој во текот на фестивалот беше тука за да се запознае со нашиот ансанбал и беше воодушевен од искреноста и талентот на екипата. Со него сме во преговори да работи наредната театарска сезона, изјави Чоревски.

Додаде дека во текот на фестивалот гостин им бил режисерот Итаи Дорон од Израел со кој во ноември и декември ќе ја работат претставата ,,Детето сонува“ на Ханук Левин.

„Битола Шекспир фестивал“ секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура и со поддршка на општина Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 14:43