Актерката Селма Алиспахиќ од Босна и Херцеговина е годинашен добитник на престижното меѓународно признание „Актерот на Европа“, што ќе и биде доделена на 16. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“, кој ќе се одржи од 6 до 11 јули во Преспа.
Наградата ќе и биде врачена на отворањето на фестивалот во предворјето на Сарајот во Ресен. На постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП, Луиза Витон и на музичкиот виртуоз од Шпанија, со македонско потекло Вангел Мачковски ќе им биде доделено признанието „Клучевите на Преспа“.
Традиционалната голема повелба „Балканот – срцето на Европа“ оваа година ќе им биде врачена на грчкиот публицист и издавач Петрос Папасарантопулос, македонскиот дипломат, амбасадорот Љупчо Арсовски и на познатиот албански писател и еден од основачите на Academia Balkanica Europeana, Башким Шеху.
Фестивалот свечено ќе биде отворен со стиховите од класиците на македонската, грчката и албанската поезија, а потоа најавени се обраќања на градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, почесниот претседател на фестивалот Бранислав Мичуновиќ-Жага, претседателот на интернационалното жири Мето Јовановски и ректотот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш.
Во официјалната конкуренција на фестивалот годинава селектирани се претставите: „Жените на Ибзен“ од Словенија, „Слугинки“ од Бугарија на текст на францускиот класик Жан Жене, „Кеплер 452б“ на Тијана Грумиќ од Србија, во режија на Југ Ѓорѓевиќ. На годинашнто фестивалско издание светска премиера ќе има претставата „Агаменмон Инферно“ по текст на Исмаил Кадаре во изведба на Васили Лаерти, кој е познат во Албанија и во Грција. Од Косово доаѓа пртставата „Четири еполети“ од Хаќиф Мулиќи, а од Македонија учесници се Димитрина Мицкоска со авторскиот проект „Женска Утопија“ работен според женските ликови на драмите на Јордан Плевнеш и Дони Дарко во изведба на Театар Комедија од Скопје.
Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ почна во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското Езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија. Досегашни добитници на најпрестижното признание на оваа манифестација се Љуба Тадиќ (Србија), Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија)..