Меѓународниот велосипедски сојуз го затвори случајот што го водеше против британскиот велосипедист Крис Фрум за наводен допинг. Истрагата против четирикратниот победник на „Тур де Франс“ беше покрената минатиот септември, односно по трката околу Шпанија. Фрум ја освои „Вуелта“, но беше утврдено дека користел двојно повеќе салбутамол од дозволеното количество.
Салбутамолот се употребува како лек за астма и не се наоѓа на листата на забранети супстанции, но сепак постојат јасни ограничувања во количините за спортисти, кои британскиот велосипедист ги надминал.
Надлежната комисија по неколку месеци соопшти дека го затвора случајот и според експертите не станува збор за допинг во овој случај.
- Ова беа тешки девет месеци. Им благодарам на сите кои ми пружија поддршка и кои веруваа во мене додека траеше истрагата. Никогаш не би се понижил на таков начин да земам победничка маица. Не се сомневав дека овој случај ќе биде затворен, бидејќи знаев дека не сум направил нешто лошо, истакна Фрум.
Откако Меѓународниот велосипедски сојуз ја затвори истрагата против Фрум се очекува и организаторите на „Тур де Франс“ да ја сменат одлуката со која на британскиот велосипедист му забранија да учествува на трката.