Секторот за внатрешни работи Штип при засилена контрола на патиштата во источна Македонија санкционираше вкупно 56 возачи.

Портпаролот на СВР-Штип Гордана Панајотова денеска истакна дека контролата е извршена во текот на вчерашниот ден и тоа во рок од осум часа на сите регионални и магистрални патишта во регионот. Вкупно 34 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената и тоа во населено место, додека 22 надвор од населено место.

- Санкционирани се вкупно 56 возачи, од кои на 43 изадени им се мандатни платни налози, додека 13 возачи писмено се опоменати, рече Панајотова.

Таа потенцираше дека вакви засилени контроли ќе има и во текот на наредниот период, како во градот така и надвор од него.

- Ќе се контролираат возачите како управување под дејство на алкохол, непочитување на првенство на минување, неправилно престигнување, непрописно престројување, прекршоци, кои придонесуваат за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици, рече Панајотова.

Надлежните од СВР-Штип апелираат до учесниците во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите, како и поставените сообраќајни знаци во сообраќајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2018 16:44