Околу 100 професори по француски јазик од земјите од Југоисточна Европа учествуваат на 20. Регионален летен универзитет што од денеска до петок се одржува во Струга.
Учесниците, како што истакна вечерва на отворањето амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние, ќе имаат можност да ги усвојат новите алатки во изучувањето на францускиот јазик преку театар, информатика и слично. Ќе имаат можност, како што нагласи, да научат како да се предава и изучува еден јазик, а притоа да биде прифатен со радост и задоволство.
- Идејата е како во земјите на ЈИЕ да се создаде еден простор за францускиот јазик, бидејќи по Брегзит, односно напуштањето на Велика Британија на Европската унија, сосема е јаснио дека францускиот ќе стане клучен јазик во Унијата, се разбира покрај англискиот. Ние ја уживаме поддршката на македонските власти, која никогаш не била толку силна како сега, рече Тимоние.
Фактот што присуствуваат професори, кои учествувавеле и претходните години, според него, укажува дека се задоволни и оти семинарот има позитивни ефекти.
- Тука има размена на искуства. Важно е наставниците да разменат и меѓусебни искуства, добри и лоши, истакна Тимоние.
Носењето експерти, кои споделуваат нови иновативни методи на педагогија за учење на децата, нивно изразување и начини на кои децата може полесно да стекнат самодоверба, за претседателот на Собраниската комисија за образование, наука и спорт Петар Атанасов, е голема придобивка.
- Многу е важно професорите да ги споделуваат стекнатите искуства и со другите свои колеги. Ние навистина треба, мораме и можеме да го модернизираме образовниот систем, како што тврдат и сите извештаи на ЕУ, рече Атанасов.
Професори од Франција во наредните четири дена ќе ги обучуваат учесниците на семинарот на најразлични теми и преку алатки ќе им помогнат како полесно да го пренесуваат францускиот јазик на своите ученици.