Државниот здравствен санитарен инспекторат изврши контрола кај ресенчанец кој подолг период „лекувал“ пациенти со рак на кожата и други дерматолошки проблеми со лек кој самиот го подготвувал. Тој лекувал во амбулантата „Натура Медика“ во селото Џепшиште кај Тетово, и тоа секоја недела од 09 до 15 часот.
За еден третман, пациентите плаќале по 500 денари, а им било препорачувано да се третираат два пати на ден, објави Алсат-М.
– Инспекторатот утврди дека лицето со иницијали Н.П. користи препарати за лекување на пациенти кои се со стаклена амбалажа и без декларација. За работата што ја работи, нема работна дозвола. Во однос на препаратите кои ги користи за време на третманот на рак на кожа и на некои други видови на рак, а за кои поседува одредена документација, лицето е испратено до Агенцијата за лекови за верификација.
Во однос на констатираната фактичка состојба, Инспекторатот издаде забрана за вршење на утврдената активност на Н.П., како и забрана за работење во амбулантата Натура Медика во Џепчиште, рекоа од здравствениот инспекторат.
Инаку расте бројот на заболени од рак на кожа и во Светот и во Македонија. Оваа година дијагностицирани се 480 пациенти со најопасниот и најсмртоносен тип на рак на кожа – малигнен меланом, докторите бараат да се подобри дијагностиката, да се поврзат на дерматолошките центири, а граѓаните доколку забележат некакви промени на кожата навреме да консултираат кожен доктор.
Половина од пациентите со рак на кожа се откриваат кога болеста е во поодмината фаза, директорот на клиниката за онкологија Нино Васев посочи дека проблем се подоцнежните стадиуми на болеста кога се потребни поскапи лекови за третман на болеста