Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата РСБСП денеска упати совети до возачите како да ја задржат концентрацијата и да останат безбедни и тогаш кога се сами повеќе часови зад волан.
- Избегнувајте да патувате навечер и во раните утрински часови. Почитувајте го биоритамот на вашиот организам и на тој начин ќе бидете повеќе подготвени да патувате сам и да ја одржите способноста и концентрацијата за вешто и безбедно управување на возилото, советува РСБСП.
Препорачува да се консумираат повеќе течности (вода, овошни сокови, кафе, итн) и да се прилагоди режимот на исхрана согласно потребите, а да се избегнува консумирање енергетски пијалоци.
Потребно, како што укажува, да се постават разумни граници и разумна цел пред патувањето и да се остават настрана лажната самодоверба и размислувања од типот „можам да возам 12 часа без одмор или можам да возам 800 километри без паузи“. Потсетува и дека долгото возење сам во автомобил предизвикува физичка и психолошка исцрпеност кај возачот, и препорачува патувањето да се планира и организира, да се провери навигацијата (GPS или Google Maps, патна карта, и др.) да се утврди маршутата по која ќе се вози, да се обезбедат информации за бензински станици, хотели, реасторани, овластени сервиси, можности да се побара помош на пат, како и да се провери осигурувањето.
- Кога патувате сами, бидете подготвени и организирани, останете концентрирани и посветени на патувањето, не ги потценувајте ризикот и опасностите во сообраќајот и запомнете дека вашата примарна цел е безбедно пристигнување на саканата дестинација, апелира РСБСП.