Во штипскиот регион ретко кое семејство сади тутун, минимален број земјоделци се занимаваат со оваа култура. Но, во штипското село Шашварлија, кое се наоѓа на падините на планината Плачковица во подрачјето викано „Јуракана“ се уште може да се видат површини засадени под тутун. Таму жителите не се откажуваат од жолтото злато, без разлика колку и да е тешко да се засади, обере, искалапи, а на крајот и да се добие добра цена за сработеното.
Јашар Јашаров и неговата сопруга и оваа пролет биле вредни, ги затекнавме во нивата, каде што ги подгтвуваат малите стебленца да ги засадат на нивата. Додека сопругата, со срамежлива насмевка, облечена во препознатливата и традиционална јуручка носија, обоена во црвена, жолта, сина, зелена боја вредно си работи меѓу редовите со тутун, Јашар како глава на семејството е расположен да ни раскажува за животот на село и за тутунот.
- Сами работиме со жената и оваа година со тутун ќе имаме 12 декари, исто како и лани, но послабо ни беше, малку килажа имавме. Но, доброто е што имавме добра цена. Значи, благодарни сме од лани, а за оваа година ќе видеме какво ќе ни се погоди времето, дали ќе врне многу дожд и како ќе го сработиме на нива, вели Јашаров.
Очекува оваа година да има околу 1.500 килограми тутун, веќе склучил и договор за откуп. За разлика од минатото олеснување им е што тутунот наместо рачно, корен по корен сега го садат со помош на машина. Во рок од десет дена ја завршил првата фаза, сега ќе ја чека бербата на првата рака тутун.
- Садиме од прилепското семе. Од откупот сме презадоволни. Во новиот договор пишува 280 денари за килограм за прва класа, втората класа е 200, а трета класа е 145 денари, вели Јашаров.
Но, само од тутун не се живее, семејството Јашарови имаат и стока. Со векови јуруците се познати како вредни сточари, номади. На пасиштата низ планината Плачковица можат да се видат стада овци, водени од сточар и од поголема група на кучиња, кои им дават насока, каде да се движат, но и да ги штитат од волци. Бачилата или трлата, како што ги нарекуваат им се наоѓаат во дворовите, веднаш до куќите. Јашар вели така е полесно да се грижиш за стоката, а и да се произведува сирење и урда.
- Убаво е да се живее на село, еве ние со сопругата имаме и овци, крави, кокошки се што треба за еден нормален живот на село. Моите дедовци со векови живееле овде, така и мислам јас, засега не размилувам да одам во градот, па и блиску ни е имаме и асфалтиран пат, вели Јашаров.
Детскиот џагор во селото Шашаварлија
Јашаров со сопругата, како што не пречекаа со топла насмевка, така и не испратија, а низ улиците на селото можеа да се видат вредни земјоделци со трактори, домаќинки, кои ги работат секојдневните работи во дворовите. Сепак впечаток во ова село остава детскиот џагор, за разлика од многу штипски села, каде што одамна не се слуша, а куќите се стари или можат да се видат купишта камења, кои сведочат дека некогаш на тоа место имало нечие огниште.
Реџаи Асанов над 30 години е учител во селото Шашаварлија. Оваа година во училиште, кое пред некоја година е изградено успеал да едуцира и воспита вкупно 13 дечиња во комбинирана паралелка од прво до петто одделение.
-Вкупен број имавме 14, испишавме едно детенце, се пресели во Штип, сега имаме 13. Децата ги добија и свидетелствата за завршеното одделение, вели Асанов.
Со љубов учителствува, во исто време, односно во еден училишен час предава по пет наставни програми, но тоа за него не е проблем, за него е важно е што има доволен број дечиња, но и што ќе ги има и во наредните години.
-Наредната година повторно ќе имам три деца во прво одделение. Ова село без деца не е, секогаш ќе има дечиња, додава Асанов.
Селото има 98 жители или 26 куќи со активно население од кои најголемиот дел се од турска националност.
- Услови имаме. Асфалтирани патишта, водовод, имаме се. Оној кој е љубител на чување стока, останува. Оние што не се по сточарството и земјдоделието, се селат во Штип, забележува Асанов.
Жителите се задоволни од условите во кои што живеат, затоа е и минимален бројот на оние кои се иселиле во Штип. Но, имаат само едно барање, а тоа е во селото да имаат посета од лекар.
- Со намера сум да покренам иницијатива, имаме простории за амбуланта, барем еден до два дена неделно да не посетува лекар и медицинска сестра, друго се имаме, вели Асанов.
Сточарството и туутнот им носат егзистенција на жителите на Шашавралија, со други култури како што велат не се занимаваат. Ова штипско село е познато и по ветерот, во најновата Стратегија за обновливи извори токму Шашварлија и Овче Поле се посочуваат како локации, каде што е исплатливо да се градат ветерници. Оставајќи го селото зад себе, патот не води кон Штип, а додека се патува може да се види и една од најубавите панорми на градот под Исарот. За карактеристичните обичаи и традиции на Јуруците во некоја следна репортажа.
Инаку за Јуруците во слободната енциклопдија „Википедија“ пишува дека во Македонија се населиле во 14 век, за време на освојувањата од страна на Османлиите. Тогаш, Јуруците имале статус на „евлади фатихан“, што значело „деца на освојувачот“, т.е. тие се движеле заедно со османлиската војска. Најголем број од Јуруците во Македонија живеат во селата што се наоѓаат на планинината Плачковица на територија на Радовиш, Карбинци, Штип и Дојран. По вероисповед се муслимани, а зборуваат на дијалект на турскиот јазик. За нив е карактеристична живописната носија, која ја носат жените, а во која доминираат силни бои, најчесто црвена, сина, зелена и жолта.
Викторија Димитрова-Јовановска